do macedónčiny

 

file:///C:/Users/Marta/Desktop/SOVREMENI-DIJALOZI-12_2023_Contemporary-dialogues%20(2).pdf

Марта Хлушикова е родена на 9 октомври 1952 година во градот Леополдов. Словачка писателка за деца и младина, прозаистка, преведувачка, лексикографка, средношколска професорка. Детството и младоста ги преживеала во Тренчин, живеела и во градот Римавска Собота. Моментално живее и твори во Трстена на Островот (во регионот Дунајска Стреда). Завршила студии по словачки и латински јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава (1971 – 1976). Работела како редакторка во Археолошкиот институт при Словачката академија на науките во Нитра (1976 – 1977), како средношколска професорка во Шумарското стручно училиште во Банска Штјавница (1977 – 1982), предавала словачки јазик и книжевност и во Средното економско училиште во Римавска Собота, во денешната Трговска академија (1982 – 1991), потоа 24 години во гимназијата „Иван Краско“ како професорка по словачки и латински јазик, а наедно била и заменик-директор на училиштето. Поинтензивно објавува од 1989 година и тоа во речиси сите попознати словачки книжевни списанија. Книжно дебитирала со речникот на латински цитати Ab urbe condita (2000). По него ги објавила книгите Мала енциклопедија на античката култура (2001) и Латинско-словачки речник (2003, 2009 – освоено второ место на меѓународниот натпревар во Прага Речник на годината).

Авторка е на поетските книги Камења (2003), Годината на црвените дудинки (2008), Ливадите танцуваат со корењата на тревите (2011), како и на прозните книги Градини (2005) и Смеа со вкус на карамела (2013). Првенствено пишува и објавува книги за деца и младина, а составувачка е и на повеќе зборници и други колективни изданија во различни издавачки куќи. За своето книжевно творештво добила повеќе значајни награди. Членка е на Друштвото на словачки писатели со седиште во Братислава. За прв пат ја преведуваме на македонски јазик. Види повеќе: https://www.spolok-slovenskych-spisovatelov.sk/products/hlusikova-marta/

 

 Марта Хлушикова

ПЕСНИ

 

 

враќања

(návraty)

 

Родителите се враќаат

во земјата на добрината

со џамлиите

во џебовите

 

Само

дупката ја зел некој

 

дијалог

(dialóg)

 

Нашите очи беа

навнатре

свртени мечови

Колку ли само си кажавме

а притоа ја премолчевме

целата вечер

 

 

во црквичето во смоковец

(v smokoveckom kostolíku)

 

Во црквичето во Смоковец

шарениот светец

ја фаќа жалта

со голи раце

Потоа во тишината на олтарот

ги потопува рацете сè до срцето

 

брегови

(brehy)

 

Никој не бидува пророк дома

Како кога на соларникот ќе му ја украдат солта

а шеќерот птиците го изобаа

Можеби само не знаеме да ги разликуваме водите –

плитката река има два брега

а на морето му е тој едниот мал

 

нашите старци

(naši starkí)

 

На другиот брег од животот

стојат нашите старци

Небаре не го знаат тоа

Тој се смее

а таа му го

оддувнува

отпадокот од јаката

 

трагачка на среќа

(hľadačka šťastia)

 

Во лушпата од јајцето

што го дувнаа пред преместувањето

го барам небото

Не сакам да ја прифатам судбината на жената

на која ѝ гатаат од дланката

Мене ми е доволно од малиот прст

Во платното го ткајам шумот на реката

што стврдна

на триаголникот му го барам четвртиот агол

 

патот кон луѓето

(cesta k ľuďom)

 

Го барам патот

кон луѓето

Од трошките

Од пепелта

За поголем

немам

Можеби

ќе го изгазам

во каменот

 

тебе

(tebe)

 

Секој ден ми се даваш себеси

и јас сум постојано спокојна

зашто има доволно време

Тогаш не те барам со мешињата на прстите

не ја лижам твојата пот

не го слушам твоето забрзано дишење

и не ја гледам тагата во твоите очи

Упорен си како мелницата на тибетските монаси

Ми се даваш себеси

а јас сè уште наивно си мислам

дека има доволно време.

 

тивко отчукувај ми под кожата

(ticho mi tikaj pod kožou)

 

Толку гласно ми отчукуваш под кожата

што не го чувствувам здивот на пајажината

кога крилјата на мувите стануваат сребрени

Тивко отчукувај ми под кожата

нека знам, која е цената на животот –

на сребрените крилја на мувите

Само никогаш не погрешната

 

нашиот пријател Мајо

náš priateľ Majo

 

Нашиот пријател Мајо

правеше обични нешта

што мирисаа чудесно

Потоа небото замавна со крилото

и тој си замина толку лесно

како кога на есен одлетуваат птиците

а зрното го оставаат расфрлено

покрај селските патишта

 

слепило

(slepota)

 

По громот на органите

му се поклонуваме

на кадравото момче

а Бог притоа пее

во лисјата на ливадската трева

 

 

Превод од словачки на македонски јазик: Звонко Танески

„Sovremeni dijalozi“ (Contemporary Dialogues)

FacebookmailFacebookmail